обранието на Република Македонија го разгледа Предлог законот за прогласување на локалитетот Вевчански извори за споменик на природа во прво читање и со 78 гласа „за“ и 2 „против“ заклучи дека е прифатлив и дека може да се даде на второ читање.
Целта на прогласувањето на локалитетот Вевчански извори за споменик на природа е заштита и зачувување на изворите во природна состојба, создавање на услови за одржување и унапредување на природните вредности на локалитетот и спречување на несакани дејствија со кои посредно или непосредно би можело да се измени состојбата на природните вредности. Вкупната површина на споменикот на природата Вевчански извори изнесува 1.370 хектари.
Законот предвидува со споменикот на природа да управува градоначалникот на општина Вевчани во име на општината. Заради остварување на заштита на споменикот на природата ќе се донесува план за управување и годишни програми за заштита на природата во кои се утврдени посебните мерки и активности за заштита на природата. Непосредната заштита на споменикот на природата ќе ја спроведува чуварска служба, основана од општината Вевчани.
Со одлука на Советот на општина Вевчани од 29 ноември 1999 година локалитетот Вевчански извори е прогласен за заштитено подрачје.
Пратеникот Изет Зеќири од НДП истакна дека прогласувањето на Вевчанските извори за споменик на природа доаѓа како награда за Вевчани и за неговиот градоначалник за неодмнешните салучувања во Струга поврзани со Вевчанскиот карневал.
- Во Македонија има многу подобри локалитети кои можат да се прогласат за споменик на природата, како што е Шар Планина, рече Зеќири.
Косана Николиќ Мазнева од ВМРО-ДПМНЕ во својата дискусија истакна дека Вевчанските извори се исклучително значаен хидролошки и хидрогеолошки локалитет од посебен интерес за науката заради што, додаде, заслужуваат да бидат проглсени за споменик на природата.
Митре Велјаноски од СДСМ, пак, посочи дека се неопходни интервенции во предлогот во второто читање за да не останат, како што наглси, Вевчанските извори споменик на природа само на хартија, особено во делот на финансирањето кое е предвидено да го спроведе општина Вевчани.
- Општина Вевчани реално нема финансиски средства и потенцијал да ги спроведе барањата во законското решение за прогласување на Вевчанските извори за споменик на природата, рече Велјаноски.
Извор: Курир